Министерот за надворешни работи на Австрија, Михаел Шпинделегер се закани со ставање на вето на буџетот на ЕУ, доколку на некои земји им биде дозволено помалку да уплаѓаат и ако бидат намалени дотациите за руралниот развој.
“Ако земји како Велика Британија или Германија добијат бенефиции, тоа мора да важи и за Австрија”, порача Шпинделегер. Тој додаде дека со Европската комисија моментно има несогласувања околу буџетот, затоа што Комисијата сака годишен раст на буџетот од 3%, а Виена го одбива зголемувањето.
Комисијата предложи буџет за 2013 година во висина од 137,9 милијарди евра, што го поддржува и Европскиот парламент. Државите членки, од друга страна бараат намалување за околу пет милијарди евра.
Земјите членки се поделени во три блока. Новите и посиромашни членки бараат поголеми фондови за развој. Втората група ја предводи Германија, која наметнува штедење. Во третата група се Велика Британија, Шведска и Холандија, кои бараат намалување на седмогодишниот буџет за барем 200 милијарди евра.
Рокот за постигнување компромис истекува на 13 ноември и ако до тогаш не се договорат, Комисијата мора да излезе со нов предлог буџет.