Патната инфраструктура клучна за бизнис поврзувањето меѓу Македонија и Албанија

50

Главен предуслов за поголема трговската размена и економска соработка меѓу Македонија и Албанија е изградбата на патната инфраструктура, за што владите на двете држави треба да вложат поголеми напори.
Тоа го порачаа на денешната средба во Скопје претставници на Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на северозападна Македонија со повеќечлена делегација на стопански комори, асоцијации и здруженија од Албанија.
“Албанија е наш трговски партнер. Иако моментно не можеме да се пофалиме со голема бројка во надворешната трговска размена, можеме да се пофалиме со заеднички проекти и учество на трети пазари. Всушност и денешната посета е продлабочување на соработката во областа на туризмот, текстилната и прехранбената индустрија, како и учество во заеднички проекти”, изјави Јелисавета Георгиева, извршен директор во Стопанската комора на Македонија.
Според претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија Мендерес Кучи, трговската размена не одговара на виското ниво во дипломатиските и политичките односи меѓу двете држави. Главен проблем, посочи, е патната инфраструктура.
“Не сме задоволни со обемот на размена на стока и услуги, утврдивме насоки и сметаме дека недостига стратешка програма со вклучување и на политичките и на економските чинители. Како проблем е утврден инфраструктурниот дел, за којшто во голема мера се работи во Албанија во последно време, но фали во другиот дел. И инвестициите што се направени во Албанија нема да може да се материјализираат затоа што треба компатибилно на тоа да се развива и инфраструктурната мрежа во нашиот дел”, изјави Кучи.
Претставниците на албанските комори и здруженија сметаат дека не се инвестира доволно во патното поврзување помеѓу двете држави. Велат дека се отворени за сите заеднички иницијативи за соработка.
Николин Јака, претседател на албанската комора, оцени дека има големи можностите за соработка, но не се искористени доволно.
“Нашата заедничка молба до двете влади е да инвестираат повеќе во изградба на Коридорот 8 што ги поврзува двете земји, изјави Јака, истакнувајќи го значењето на доброто инфраструктурно поврзување кон Тирана и Драч. Важен е и патот од Дебар кон Тирана, кој би го скратил патувањето за еден час”, наведе Јака.