Објавен нов повик за финансирање преку ИПАРД

44

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој соопшти дека е објавен деветтиот Јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од петтата компонента на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската унија.
Огласот ќе трае до 17 април 2014 година. Потребната документација за подготовка и поднесување на барањата, вклучително и упатствата за корисниците на средства од ИПАРД Програмата 2007-2013 може да се преземат од веб-адресата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk или www.pa.gov.mk, како и лично во приемницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и во најблиските регионални центри или работни единици на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.
Финансиските средства од ИПАРД Програмата 2007-2013 се наменети за: Инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктурирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската унија (Мерка 101); Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи со нивно преструктурирање и надградба за достигнување стандардите на Европската унија (Мерка 103) и Диверзификација и развој на руралните економски активности (Мерка 302).
“Целта на ИПАРД Програмата 2007-2013 е преку соодветни мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор, преку нивно усогласување со стандардите на Европската унија и постигнување одржлива животна средина и социоекономски развој на руралните средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување”, информираат од Агенцијата.
Заинтересираните земјоделски производители може да добијат и информации за изготвување и доставување на барања, како и практични совети за аплицирање.
Листата на регионални центри или работни единици на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството со податоци за контакт е објавена на наведените веб-адреси.