Косовски тур-оператори и новинари во посета на Охрид и Струга

43

Туристичка Македонија, гледана од сосема друг агол, е мотото на промотивното патување што се организира во Приштина, а ќе ги опфати и главните македонски туристички центри Охрид и Струга.

Патувањето го организира Меѓународната канцеларија Инвест Македонија – Албанија и Косово, во соработка со воздухопловното друштво Реисбиро од Приштина, ТАВ Македонија, општините Охрид и Струга, и компаниите Ер Минхен, Скај Експрес и Лимак Косово.

Во турата учествуваат 150 лица, претежно тур-оператори и туристички агенции од Косово, но и медиумски преставници.

Економскиот промотор на Македонија за Албанија и Косово, Фатос Мустафа вели дека патувањето ќе почне од меѓународниот аеродром во Приштина Адем Јашари и патниците ќе слетаат во аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид.

Потоа со отворен туристички автобус ќе ги разгледаат охридските знаменитости, а патувањето ќе го продолжат во Струга.

Туристичките агенции и медиумските претставници од Косово ќе се запознаат со атракциите што ги нудат овие два града, туристичките потенцијали, културните и историските вредности, но и со традиционалното кулинарство.

Целта на Меѓународната канцеларија Инвест Македонија – Албанија и Косово е да се истражат можностите на туристичките бизниси на двете земји и да се воспостави долгорочна соработка.