ММФ: Растот од 3,5% е остварлив

39

Растот на македонската економија се очекува да зајакне, а предвидениот раст од 3,5% е остварлив, истакна Ивана Владкова Холар, шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во Македонија.

“Приватната потрошувачка сега е зајакната, што придонесува за постепено повлекување на фискалниот стимулс. Задржувањето на фискалниот дефицит на централната власт ќе биде важно за да се задржи одржливоста на долгот“, изјави Холар.

Според нејзе, намалување на дефицитот на 2,6% во 2016 година е соодветно, но треба да се утврдат мерки за негово исполнување. По двенеделните средби со претставници на Владата, Народната банка и приватниот сектор во Македонија, оценката е дека финансискиот сектор е стабилен, но не е препорачливо натамошно релаксирање на монетарната политика.

“Минатата 2013 ја завршивме со 3,1%, а за годината очекувањата се дека тој ќе стигне до 3,5%, што е подобро од првично проектираното со Буџетот од 3,2%. Порастот ќе биде добро избалансиран меѓу инвестициите и потрошувачката. Инвестициите главно ќе бидат поддржани со крупните инфраструктурни проекти, а зголемувањето на платите во јавната администрација и пензиите ќе ја стабилизираат личната потрошувачка“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Тој рече дека дефицитот од 3,5% може да се одбрани со преземените политики и реализација на овогодишниот буџет.

Гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, потенцираше дека монетарната политика ќе продолжи да се фокусира на стабилноста на девизниот курс на денарот.

“Девизните резерви последните 30 дена веќе имаат тренд на пораст, така што очекуваме да продолжи и во наредниот период, бидејќи доаѓа еден период од сезонски аспект кои ги зголемуваат девизните резерви, нашето видување дека оној пад на девизните резери кој беше очекуван во првиот квартал од годината е зад нас и сега имаме поголем тренд“, рече Богов.