Македонски компании учеа за германски искуства во енергетската ефикасност

49

Претставници на шест македонски компании престојуваа во еднонеделна посета на Германија со цел да се запознаат со современите технологии што се користат за заштеда на енергија во индустриското производство.

Патувањето во Баварија на тема Енергетска ефикасност во индустријата, за македонските компании го организираше Претставништвото на Германската стопанска комора во Македонија во рамките на проектот Bayern-Fit for Partnership под покровителство на Bayern International.

Делегацијата ја предводеше Марија Радевска од Претставништвото на Германската стопанска комора во Македонија, а истата ја сочинуваа шест компании од Македонија, меѓу кои Витаминка Прилеп, Раде Кончар контактори и релеи, Прилепска Пиварница, а присутни беа и шест компании од Србија.

Користењето на нови извори на енергија за компаниите значи огромена заштеда при производните процеси.

Делегација ги посети компаниите Кесер, лидер во светот во призводство на компресори, фабриката Сименс во Амберг, фабриката Машинен Фабрик Рејинхаусен, која е прогласена во 2013 за Hidden Champions 2013 (скриен шампион) од Баварија.

Делегација имаше можност да ја посети и фабриката МТU, дел од Rolls Royce енергетските системи, кој е светски лидер во производството на дизел мотори и когенеративни системи наменети за електрани и нуклеарни централи.

Делегацијата ја посети и фабриката Волф-Хејцтехник во Маинбург, специјализирана за системи за греење, ладење и техника за соларна енергија. Експерти од компанијата информираа дека во Германија има само  1.000 сончеви часа годишно, што е три пати помалку од Македонија која годишно има и повеќе од 3.000 сончеви часа и посочија дека и при тие климатски услови, во Германија соларните системи имаа огромен придонес во штедењето на енергија и зачувување на животната средина.

Во рамки на ова патување беше одржан и интересен саем каде што се претставија осум германски компании кои се занимаваат со производство на најсовремена опрема за енергетска ефикасност во индустриското производство. Германските компании сметаат дека има голем потенцијал за соработка со компаниите од Македонија и Србија.

“Покраината Баварија е најголема од сите 16 покраини во Германија и претставува локомотива која ја влече германската економија со извоз од 166 милијарди евра во 2013 и тренд на раст во 2014, воедно е и еден од најважните трговски партнери на Македонија со трговски волумен од 675 милиони евра“, соопшти Марија Радевска од Германската стопанска комора во Македонија.