Германскиот производител на камиони и автобуси MAN ќе ја затвори својата фабрика на домашниот пазар и целото производство го сели во Турција, каде што има поевтина работна сила.
Компанијата нуди решение за 420-те работници на кои ќе им бидат обезбедени нови работни места во германската дивизија на матичната компанија на MAN-Volkswagen во Минхен.
Производството на минибуси и автобуси за јавен превоз од германскиот град Плауен ќе биде преселено во Анкара до март следната година.
“Останавме без алтернатива, па затоа го селиме производството со цел да ја зголемиме ефикасноста во рамки на нашата производна мрежа“, вели Андерс Нилсен, извршен директор на дивизијата за производство на камиони и автобуси на MAN.
Цената на трудот во индустријата во Турција е 5,17 евра за час по работник во 2012-та година, што е една седмина од онаа во Германија, која во просек е 36,98 евра.
Главниот конкурент на MAN – шведска Scania, која исто така е во сопственост на Volkswagen, во март оваа година донесе одлука за намалување на 250 работни места.