Беркли, Стенфорд, Колумбија, Оксфорд се само дел од 120-те врвни светски образовни институции на кои учениците од гимназијата Нова од Скопје конкурираат и редовно се примени за да ги продолжат студиите. Токму ова меѓународно училиште викендов ја одржа 13-тата матурска церемонија и ги додели дипломите.
“Многу сме горди на успесите на нашите ученици и иако 70% од нив заминуваат на студии во Европа и САД и тие што остануваат во Македонија се многу успешни. За илустрација, во последните пет години, дури седум ученици од Нова студирале или сè уште студираат на Харвард, пет на системот универзитети од Калифорнија во Беркли, Лос Анџелес и во Сан Диего, четворица на Оксфорд, по двајца на Колумбија и Универзитетот од Њујорк, еден на Стенфорд, еден на Принстон, еден на Јејл, како и на многу други престижни европски институции. Сега ги чека слатката мака да одлучат која образовна средина би била совршена за нив”, вели Венера Новаковска, директорка на меѓународната гимназија Нова.
Меѓу матурантите годинава има и своевидни рекордери по бројот на престижни високообразовни институции во кои што се примени. Симона Сарафиновска е избрана на речиси 13 познати светски универзитети, а меѓу нив се и Колумбија, Принстон, Јејл и Дјук. Емилија Ташевска ќе може да селектира меѓу безмалку десет вакви установи, а некои од нив се и УКЛА, Нортвестерн и Ворвик. Сара Јанкоска е примена на универзитетите во Лондон, Манчестер и во Единбург, додека Дона Урдинов влезе на потесните листи на низа влијателни високи школи за дизајн.
“Значи, што е вредноста на тоа да завршите средно образование во Нова? Се надевам и верувам дека Нова ви ги дала алатките кои ви се потребни да станете дел од светот и да постигнете успех со сопствен труд, било на универзитет, на работно место или во семејството. Кога во иднина ќе се соочувате со ситуации кои ја тестираат вашата сила, вештините што сте ги стекнале тука треба да ви помогнат успешно да ги надминете предизвиците. Ако се вложувате, работите вредно, и прифаќате одговорност, можете да успеете”, кажа амбасадорот на САД во Македонија, г-динот Пол Волерс за време на свое обраќање до матурантите.
Свое обраќање на церемонијата имаше и директорот на гимназијата Нова, Виктор Новаковски.