Прехранбениот и енергетскиот сектор најатрактивни за австриските бизнисмени

40

Австриски компании се заинтересирани за инвестиции во прехранбената индустрија и енергетскиот сектор во Македонија. На компаниите од Македонија им нудат машини и опрема, како и помош со пренос на знаења за исполнување на неопходните стандарди потребни за подобар пласман на производите на странските пазари.

Арпар Колар, претставник на фирмата за производство на пијалоци Меј смета дека Македонија нуди добра основа за различни видови инвестиции. Нивната компанија е во преговори за соработка со Пивара Скопје, Прилепската пиварница и со Винарската визба Тиквеш.

“Во последните години гледаме добар развој. Интересот на странските инвестиции е се поголем за Македонија. Најмногу сме заинтересирани за инвестирање во индустријата за производство на прехранбени производи и во енергетскиот сектор“, изјави Колар.

Михајло Коневски, од компанијата за одгледување и преработока на лековити билки Флорекс, очекува соработка со австриските компании со пренос на знаења за исполнување на потребните стандарди  на производите.

“Во Македонија се уште недостасува консалтинг во подготовка на производството, одгледувањето и преработката. Сите конкурентски компании кои доаѓаат од другите држави полесно ги постигнуваат стандардите, а ние не можеме да ги пласираме нашите производи по такви конкурентски цени како што ги пласираат другите“, рече Коневски.

Трговската размена на Македонија и Австрија лани достигнала 190 милиони долари, а во првиот квартал бележи раст од 46% и изнесува 45 милиони долари. Австрија е на второ место по инвестиции кои во 2012 година изнесуваа 81,7 милиони долари. Најголемиот дел од австриските компании кои досега инвестирале во земјава се во осигурителниот пазар и банкарскиот сектор.