Пробивањето на странски пазари – главен предизвик

169

Архитек груп е лиценцирано проектантско биро кое како компанија е основано 1992 година, а со проектирање и градежништво работи од 1997 година. Претежно се занимава со изработка на проекти за станбени и резиденцијални објекти, индустриски објекти и ентериери. Во нивните канцеларии, во пријатна атмосфера, поразговаравме со сопственикот и извршниот директор, Бојан Панов.

Бојан Панов, извршен директор и сопственик на Архитек груп

Бизнис Инфо: Што можете да ни кажете за Архитек груп, каква компанија е?

Архитек груп е мала компанија и фамилијарен бизнис, што пред 6 – 7 години го наследив од мојата мајка. Вработени се четворица луѓе, од кои двајца се архитекти. Генерално проектираме станбени и станбено – деловни згради, повеќе сме насочени кон оној дел што опфаќа простор за живеење, помалку простор за работа. Кога зборуваме за проектирање, односно за изработка на техничка документација, тука се подразбира проектирање на нови објекти, легализација на веќе постоечки објекти, елаборати за пренамена на просторот и елаборати за физичка делба, проекти за реконструкција, доградба и надградба. Тимот што работи на проектите се состои од 8 – 10 луѓе, со тоа што еден дел од работата оди како аутсорсинг. За некои делови од проектите немаме луѓе, немаме толкав капацитет, затоа што за комплетно да се сработи еден проект треба архитектура, треба да се изработи статика, машинство, електрика, водовод, елаборати за заштита и спасување, екологија. Сега веќе почнавме да изработуваме и елаборати за енергетска ефикасност. Досега имаме изработено околу 150.000 квадрати или над 40 реализирани проекти.

Бизнис Инфо: Какви се македонските клиенти, имаат конкретни замисли за тоа што го сакаат или оставаат на вас да осмислите се?

На почеток кога ја договараме работата се прави проект програма, кои се желбите на нарачателот или на инвеститорот. Некогаш може сите желби да се задоволат, но некогаш тоа не е возможно. Потребна е комуникација со нарачателот, за да знае кои се причините доколку нешто не може да се изведе. Тоа е наша задача, да му објасниме уште на почетокот. Или доколку имаме различно мислење за некоја негова замисла, како тоа да го направиме. Некогаш не е возможно да се направи се, функционалноста и архитектонскиот изглед на фасадата бараат усогласување, како од страна на архитектите, така и од страна на нарачителите. Во секој случај, на крајот мора клиентот да е задоволен. Фасадниот изглед и колоритното решение на објектот можат да трпат и дополнителна промена, но функционалноста сепак е приоритетна.

Бизнис Инфо: Што е сега ин, има некаков тренд во архитектурата?

Кај нас нема тренд. Кај нас зависи од клиентот, кој какви погледи има. Сите сакаат во изработката да биде вклучена помодерна архитектура, но помодерното понекогаш знае да биде доста поскапо, а некогаш знае да биде и поевтино и попрактично. Комбинираме. Во секој случај ги следиме посовремените текови во архитектурата и ги користиме.

Бизнис Инфо: Како е да се менаџира мала фирма, уште и фамилијарна?

Има и предности и недостатоци. Предностите се во работната атмосфера, имаме слободна работна атмосфера во која односот не е по принцип позиција на работно место. Секој може да каже што мисли и да се избори за своето размислување. Потешко е затоа што имате амбиција фирмата да оди нагоре и таа амбиција бара повеќе вложување кога е помала фирма, затоа што се труди да се пробие на пазарот или да се претстави на нови пазари, а за сето тоа потребно е да се посвети дополнително време. И бара упорност, некогаш тврдоглавост, да се истрпи кога е потешко. Но, од друга страна е интересно, има предизвик. Сега главен предизвик ни е пробивање на странски пазари.

Бизнис Инфо: Што е најголем проблемот да се стигне до странските пазари, конкуренцијата?

Па конкуренцијата е дел од проблемот, а дел е нашата неинформираност какви се односите на тој пазар, какво е законодавството, како е поставен економскиот, односно бизнис секторот, даноците… Барем за мене тоа е проблем. Секој сам треба да ги дознава овие информации, а за тоа треба време. Во овој сегмент од голема помош ми беше програмата на ЦЕЕД со поддршка на УСАИД, затоа што овозможуваат контакти со потенцијални партнери на странски пазари каде што тие ви ги даваат информациите веќе изработени, што ви заштедува време. Вам ви преостанува само да се подготвите за она што сте, најдобро да се презентирате, да докажете дека имате заеднички интерес, да се потрудите да дознаете нешто повеќе за тие потенцијални партнери со кои ќе имате состанок.

Програма за развој на претприемништво на УСАИД е одлична програма, од аспект на запознавање на потенцијални деловни контакти, разговор за проблеми што ги имаат менаџерите од истата бранша, од аспект на совети што можат да се слушнат од поискуни. Тоа за мене беше одлично искуство, во секој случај мотивирачко. Добив конкретни информации и насоки како да се настапува на нови пазари, на кои пазари да се настапи, своето искуство го споделија луѓе што веќе го изоделе тој пат и дознале како е да се бори човек на странски пазар.

Бизнис Инфо: Како ќе се развивате понатаму, какви се вашите идни планови?

Приоритет ни е ширењето на странски пазари. Втората работа што сакаме да ја реализираме е сериозно да се прошириме на проектирање на индустриски објекти, што значи повеќе ќе бидеме поприсутни во бизнис заедницата за да се презентираме и кога ќе имаат потреба да знаат каде можат да добијат квалитетна услуга. Секако, тука постои и потребата од редовно, секојдневно истражување на новитетите во областа, пред се практики од поразвиените држави кои можат да се пренесат кај нас, затоа што можеби се поефикасни, поевтини, попрактични, нови трендови во архитектурата итн. Тоа би биле некои основни работи на кои планираме подолгорочно да се посветиме.