ЕВН Македонија и Комерцијална Банка одликувани од Црвениот Крст на Македонија

57

ЕВН Македонија и Комерцијална банка беа одликувани со признанието Златен знак, додека првите луѓе на овие компании Вернер Хенгст и Хари Костов се закитија со признанието Златен поддржувач од страна на Црвениот Крст на Република Македонија. Овие признанија беа доделени во знак на благодарност за соработката и поддршката преку разни проекти за општествена одговорност.

Генералниот секретар на Црвениот Крст, Саит Саити, изјави дека поддршката која ја обезбедиле од овие две компании претставува позитивен пример. Тој истовремени изрази надеж дека и другите компании во Македонија ќе го следат нивното општествено одговорно работење и во иднина ќе се препознаваат како стратешки партнери на Црвениот Крст.

“Црвениот Крст на Република Македонија  преку имплементација на заеднички иницијативни со компаниите дава активен придонес во подигање на свесноста за општествена одговорност на компаниите”, рече Саити.

Проектите на Црвениот Крст кои биле помогнати од ЕВН Македонија и Комерцијална Банка, биле во согласност со потребите на населението, а вработените од овие компании активно учествувале во реализација на самите активности.

“Заедничките иницијативи беа насочени кон потребната грижа на старите лица, подобрување на социјализацијата на деца и млади со посебни потреби, поддршка и зајакнување на капацитетите на ранливите целни групи за подобра социјална интеграција во заедницата”, објасни Саити.

Како што нагласи Хенгст, ЕВН и Црвениот крст досега соработувале на повеќе проекти со што помогнале на многу луѓе кои имале потреба. Тој додаде дека признанието ќе претставува мотив за продолжување на нивната општествена одговорност.