Светска банка 20 години финансиски партнер на Македонија

21

Македонија и Светска банка (СБ) одбележуваат 20 години партнерство, што е исполнето со финансиска помош и поддршка, знаења, вештини и доверба, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Македонија пред 20 години, како што рече тој, избра партнер што има многу професионалци, кои се најдобри во својата област и кои ги поседуваат сите вештини и знаење што се потребни за една земја во развој.

“Кога се одбира долгорочен партнер, важно е на истиот да му се верува. Мислам дека имаме таков партнер, што ги почитува вашите силни страни и ги разбира вашите слабости, и работи со вас во надминувањето на тие слабости, предизвици што се нормални за земја во развој“, рече тој.

Елен Голдстејн, директор на СБ за регионот на Југоисточна Европа, рече дека од клучна важност за Македонија во изминатиот период биле трансформацијата на сопственичката структура на стопанството, задржувањето на макроекономската и фискалната стабилност што и овозможила напредок, подобрување на деловното окружување и стимулирањето на инвестиции, каде сега се гледале резултатите, како и избегнувањето сериозен етнички конфликт и преземање мерки за градење на поголема национална кохезија.

“Гледаме раст на инвестициите во уделот на БДП, зголемување на кредитирањето на приватниот сектор, зголемување на извозот и зголемување на економскиот раст од околу 1% во првата деценија до просечно 3% во второто десетлетие. Па, дури и невработеноста почна да паѓа во последната деценија од 37% на 29%. Тоа не е доволно, но Македонија се покажа поотпорна на глобалната финансиска криза од повеќето други земји во регионот. Сето тоа се должи на овие фундаментални реформи во текот на последните 20 години“, рече Голдстеин.