Фондацијата Илија Камчев почна проект за вработување социјално загрозени жени

41

Фондацијата Илија Камчев денеска го најави отпочнувањето на едукативниот проект за преквалификација и доквалификација на 30 самохрани мајки и мајки од социјално загрозени семејства, како и нивно вработување.

“Главна цел на овој проект е интегрирање на самохраните мајки и мајките од социјално загрозени семејства на пазарот на трудот во Македонија. Поконкретно, целта е зголемување на работоспособноста на долгорочно невработените жени, преку зголемување на нивната способност – знаење и вештини“, изјави Кристина Камчева Стојческа, проектен директор во Фондација Илија Камчев.

Проектот на Фондацијата ќе биде составен од две компоненти и ќе биде во времетраење од една година.

Со првата компонента, се овозможат предуслови за спроведување обука, преквалификација и доквалификација за 30 долгорочно невработени самохрани мајки или мајки од социјално загрозени семејства од сите етнички заедници, во период од три до шест месеци, со цел зајакнување на капацитетот на жените во процесот на барање на работа.

Преку втората компонента, која овозможува практична обука како поддршка за вработување, на пријавените жени ќе им биде овозможено стручно оспособување во период од три до шест месеци во компании со кои Фондацијата ќе склучи договор за соработка.

По завршувањето на предвидениот период за оспособување, успешните учесници во обуките ќе добијат можност да останат во постојан работен однос во компаниите каде што посетувале практична обука.