Земјата домаќин на Светското првенство во фудбал во 2022 година – Катар го откри дизајнот на вториот од неколкуте стадиони што се градат за најголемиот светски спортски настан, пренесува порталот за архитектура acrhdaily. com.
Al Bayt stadium е стадионот што е сместен во градот Ал Кор, а сите посетители, освен во фудбалските натпревари, ќе уживаат и во прекрасните ресторани и бутици, како и патеките за возење велосипед, јавање коњи и трчање.
Дизајнот на вториот стадион е целосно инспириран од историјата и културата на Катар. Она по што ќе биде препознатлив се белите и црни тенди што традиционални ги користеле номадите во Катар, што ќе ја рефлектира гостопримливоста за сите кои патуваат низ пустината.
За време на натпреварите на стадионот ќе бидат поставени 60.000 седишта, а по завршување на првенството ќе останат само 32.000 седишта. Оние седишта што ќе бидат отстранети ќе бидат донирани во други земји.
При изградбата на овој грандиозен објект ќе се вклучат најдобрите практики за енергетска ефикасност со цел да се почитуваат највисоките стандарди во таа област.
Минатата година беше откриен дизајнот на првиот од неколкуте стадиони на кои се очекува да се одиграат фудбалските натпревари во рамки на Светското првенство во 2020 година.