Рената Витез: Земјите од ЦЕФТА мора да соработуваат на сите полиња

78

Земјите потписнички на договорот за ЦЕФТА мора да ја продлабочат соработката на сите полиња, смета Рената Витез, извршен директор на ЦЕФТА – Секретаријатот. Ова произлегува од самиот мотив за потпишување на договорот кој гласи приближување кон Европската унија и привлекувањето инвестиции.

Клуч за решавање на сите проблеми вклучувајќи ја и кризата, според Витез е регионалната соработка, затоа осумте земји потписнички на договорот, треба во иднина да се фокусираат на проширувањето на соработката и со околните земји членки на ЕУ, Русија, Турција, земјите на ЕФТА, Украина и Медитеранските земји.

“Трговијата во регионот на ЦЕФТА е урамнотежена, но пред се е заснована на размена на земјоделските производи кои се застапени со повеќе од 40%. Затоа треба да се размислува за продлабочување на индустриската размена… Кризата влијае на трговијата и предизвика нејзин пад, но се покажа дека регионалната трговија е поиздржлива од останатите видови, што значи дека има помал пад на трговијата во регионот отколку надвор од него”, рече Витез на денешната средба со новинарите во Стопанската комора на Македонија.

Извршниот директор на ЦЕФТА ја потенцираше генерална порака од кризата дека мора да се стори се, како на регионално така и на национално ниво за да се подобри конкурентноста, особно во производството.

“Мора да се согласиме дека сами веројатно немаме доволно капацитети и ресурси за тоа и оти ни се неопходни странски инвестиции и тоа во индустријата, а не во услугите. Во привлекувањето на инвестициите мора регионално да соработуваме, бидејќи сме мал пазар, како регион не сме конкурентни, а немаме ни евтина работна сила. Заедно мора да работиме и зашто ЕУ политички на нас гледа како на регион”, потенцира Витез.

Во 2013 година Македонија ќе претседава со поткомитетите за нетарифни и технички бариери во трговијата, како и за царини и правила за потекло на ЦЕФТА, додека во 2014 ќе биде претседавач на ЦЕФТА.

Ова е причината зошто извршниот директор Рената Витез е во посета на државава.

Потписнички на договорот за ЦЕФТА се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Молдавија, Србија, Хрватска и Црна Гора.