Разгледани можностите за забрзување на протокот на стоки меѓу Македонија и Грција

42

На заедничка средба денес, помеѓу македонски и грчки стопанственици и претставници на Царината и инспекциските гранични служби беа разгледувани можностите за олеснување и забрзување на протокот на стоки.

Средбата беше организирана од Стопанската комора на Македонија во соработка со Канцеларијата за врски со Република Грција и поддршка на Царинската управа на Република Македонија.

Како што беше утврдено, тоа би се постигнало преку заедничко царинење на македонско-грчките гранични премини, воведување втора и трета смена на Солунското пристаниште, односно работа до 20 часот на Царината и инспекциските служби на пристаништето.

“Од сето ова ќе има позитивни ефекти бидејќи не само што ќе се намалат транспортните трошоци, туку и ќе се зголеми трговската размена”, истакна претседателот на Македонската транспортна асоцијација Иван Петровски.

Според Петровски најдобар би бил предлогот за заедничкото царинење бидејќи на тој начин не е потребно вложување на дополнителни средства.

Активностите би се вршеле преку царинска испостава на земјата, влегување на стоката и царинскиот преглед би се извршил заеднички од страна на царинските службеници од двете администрации.

Според директорот на МЖ Транспорт, Тане Стојковски треба да се направат напори од грчка страна и да се приспособи времето на работа на нивната железница со железницата во регионот. Стојковски истакна дека годишно се превезуваат три милиони тони стока која наместо за четири саата колку што е реално оддалечено, стоката се транспортира за многу поголем период.

Бројката на возила што месечно го преминуваат граничниот премин Богородица – Евзони е од 10 до 15 илјади, што претставува еден од ограничувачките фактори во однос на можен забрзан проток на стоки. Затоа предлог е испораките на истородни товари физички да се прегледаат на самата граница и да се искористи можност за физички преглед во внатрешноста на земјата по потреба.