Раководството на Здружението на занаетчии Еснаф остварија средба со министерот за економија Беким Незири на која разговараа за состојбите во Старата скопска чаршија и проектите што ќе се реализираат во неа.
Министерот Незири ги увери своите соговорници дека Старата скопска чаршија е и ќе биде еден од топ-приоритетите на Министерството за економија.
„Имаме тесна соработка со занаетчиите, занаетчиските здруженија од чаршијата, како што е здружението Еснаф и други. Бевме и секогаш сме отворени за секаква поддршка и помош потребна на занаетчиите, бидејќи моја обврска, и на Министерството за економија, е интензивно да работиме со здруженијата на занаетчии за понатамошно развивање на Старата скопска чаршија“, рече министерот Незири.
Министерот Незири изјави дека занаетите се важен фактор за економскиот развој и нивната економска активност има голем потенцијал, но за жал, според него, не е доволно искористен. Вети сеопфатна поддршка, субвенции за професионална обука на занаетчии, субвенционирање проекти за поддршка и промоција на занаетчиството, како и финансиска поддршка за организирање форуми, обуки и промотивни активности, саеми, Недела на занаетчиството, и други настани.
Претседателот на Здружението Еснаф, Мухедин Брава, потенцира дека здружението работи за заштита на интересите на занаетчиите.
„Нашата цел е да придонесеме за понатамошна ревитализација на чаршија како посебен објект со историска, архитектонска и културна вредност. Ние како здружение работиме на афирмација на занаетчиството, помагаме во отворање нови бизниси, со цел зголемување на бројот на посетители на чаршијата”, рече претседателот на Здружението Еснаф, Мухедин Брава.