“Секој почеток е тежок. Започнав во 1997 година како фризерски салон Пеце и со многу напорна работа, по седум години се проширив во поголемо и покомфорно студио. Се ребрендирав во Студио Кул Кат. Кул Кат почна да расте, да го препознаваат луѓето во градот, благодарение на целиот мој тим. Моментално сме седум вработени, имаме и ученици од училиштето Димитар Влахов на пракса, преку Занаетчиската комора, од каде што имам и диплома за мајстор. Некои од нив по завршувањето на училиштето продолжија да работат во Кул Кат, добиле личен имиџ, станале препознатливи во градот, каде што секаде им се отворени вратите. Можам да се пофалам дека во Кул Кат има вработени што работат преку 10 години, а тоа кажува нешто”, раскажува Перица Ивановски како пред 15 години го започнал бизнисот.
Бизнис Инфо: Од каде црпите инспирација?
Цело време напорно работев, работам и сега со исто темпо, доста патувам, сум го поминал светот преку семинари, обуки, едукации. Имам соработувано со многу модни куќи, маркетинг агенции, настани, модни збиднувања, снимања. Секоја година одам во Лондон, од таму ги црпам моите иновации, знаења. Сум бил на безброј светски саеми, на работилниците на најпознатите светски академии, како што се Toni&Guy, Vidal Sassoon, Mahogany, Patrick Cameron, Аlternative hair show вo Royal Аlbert hall… Во Лондон доста ја купувам онаа, што би се рекло, улична мода. Kога ќе седнеш да се напиеш кафе на лондонските улици и во кафуле, можеш да ја видиш модата што и во нареден период ќе ја гледаш долго време во Европа.
Бизнис Инфо: Сте настапувале на многу натпревари, имате добиено многу награди и признанија. Како изгледаат тие натпревари? Имате одредено време за кое треба да направите одредена фризура?
Има повеќе категории на натпреварување, зависно кој во која категорија се пронаоѓа. Јас се пронајдов во најтешката категорија, техника, во која спаѓаат две фризури. Една е дневна со кратка коса која треба да се изработи за 18 минути и истата таа фризура да се трансформира во вечерна, со дозволен додаток на три уметоци и 35 минути време. Тука се мери не само брзината, туку секоја фризура треба да има чистина, да биде педантно направена, да не е замачкано, искривено, секое влакно да си дојде на свое место. Тоа ми е голема сатисфакција, затоа што лично јас како фризер стилист можам да кажам дека самиот сум се насочил во педантност и квалитет, како лично за мене, така и за салонска работа. Така го градев мојот стил, луѓето почнаа да го препознаваат и така да ме прифаќаат. Кај нас доаѓаат клиенти од различни профили и професии, од правници, адвокати, лекари, луѓе од дипломатскиот кор, до актери, режисери, пејачи… Јас можам да кажам дека многу сум среќен кога муштериите излегуваат среќни од Кул Кат. Дека тие го препознаваат квалитетот може да се види и на нашата веб страна www.coolcut.com.mk, во делот каде што нашите клиенти оставаат впечатоци и коментари. Тоа мислам дека е една добра референца за Кул Кат и лично за мене.
Бизнис Инфо: Вие нудите специфичен производ на пазарот, имате директен контакт со клиентите и веднаш можете да препознаете дали се задоволни од она што го нудите. Како се снаоѓате како менаџер во такви ситуации? Што е борбата на менаџерот во оваа струка?
Борбата на менаџерот е да продаде, значи се е продажба, се што се нуди на пазарот е продукт, а тоа што ќе го продадеш треба да биде издржано, квалитетно. Најважен е квалитетот. Затоа луѓето кога ќе дојдат кај нас, повторно се враќаат. Јас лично работам со моите клиенти и сакам повратна информација кога ќе направам некоја фризура, сакам да знам како реагирала околината. Задоволниот клиент ќе ги пренесе убавите зборови и тоа всушност е најдобриот маркетинг. Лично преферирам герила маркетинг и доста читам во врска со маркетингот, психологија на продажбата, моќта на самодисциплината. Можам да кажам дека околу маркетинг стратегиите многу ми помогна програмата за претприемачи на ЦЕЕД. За оваа програма лично мислам дека е двигател за подобрување на бизнис климата, каде што можеш понатаму да го тестираш и својот успех. Тоа е интерактивна програма која нуди пред се едукација во било кој поглед, каде во пријатна атмосфера се разменуваат лични искуства, нуди поврзување, стекнување на нови познанства. Во ЦЕЕД ги освежив моите знаења, ги разбудив новите идеи, ги проширив своите видици за брендирање и маркетинг. Знаете, многу е лошо ако работиш на маркетинг или таргетираш клиенти на погрешно место во погрешно време. Така само ги трошиш своите ресурси и на крај ефектот е мал.
Бизнис Инфо: Како се справувате со конкуренцијата? Што го разликува Кул Кат од останатите во браншата?
Нормално, како и во секоја друга работа, и овде има конкуренција. Конкуренцијата го создава квалитетот, само со квалитет можеш да надминеш лоши времиња, економски кризи. Со квантитет и со камуфлажа, неквалитет, успехот може да биде краткотраен, моментален, на неколку месеци, на неколку години и потоа се паѓа во вода кога луѓето ќе те откријат кој си и што си.
Во ова студио посебно се внимава и се акцентираат личните карактеристики кои на клиентите им даваат специфичен печат и ги издвојуваат од останатите. Бидете модерни и бидете свои, тоа е нашето мото.
Бизнис Инфо: Кои фризури сега се во тренд?
Трендот секогаш се враќа назад, од 60-тите, 70-тите години. Предминатата година беа актуелни vintage фризури, што значи нешто старо усогласено со поновото време. Лани беа актуелни песочни и беж нијанси, поприродни – земјени тонови на боја на коса, особено кај модерните деловните жени за прилагодување на фризурата во секоја ситуација. Оваа година се носат повеќе средно кон кратки коси, со тоа што околу боите се е дозволено, freestyle, се останува на нашата имагинација. Популарни се смирени тонови, чоколадни тонови, со мала доза на неон боја, како бордо, црвенкаста, бакарна во внатрешниот дел од косата. Исто така популарен е омбре стилот (ombre style), тоа е потемна коса која од коренот постепено осветлува кон врвовите.