Од Управата за јавни приходи јавуваат дека комапниите кои имаат законска обврска од први јануари да поднесуваат даночни пријави до УЈП по електронски пат, бавно се приспособуваат на новините во даночното работење.
Вкупно 1.440 фирми, на само 14 дена пред истекот на рокот, воопшто не се регистрирале на системот е-Даноци https://etax-fl.ujp.gov.mk/
Согласно измените на Законот за даночна постапка, донесени уште во месец јули годинава, се предвидува сите месечни ДДВ обврзници, почнувајќи од 1 јануари 2013 година, своите ДДВ-пријави и даночни биланси за данокот на добивка задолжително да ги поднесуваат до УЈП по електронски пат преку системот е-Даноци.
Постапката на регистрација е прилично едноставна и кратка. За да ја извршат регистрацијата и да ги користат електронските даночни услуги, фирмите треба да имаат Интернет, е-Пошта, како и Дигитален сертификат на USB токен, издаден од Македонски Телеком или КИБС.
Доколку прилагодувањето на овие новини, не се изврши во дадениот рок, постои ризик фирмите да не можат да го користат системот е-Даноци, односно да не бидат во можност навремено да поднесат даночна пријава и да пријават данок од 1 јануари.
Од УЈП апелираат дека според законот предвидени се високи казни за неподнесување, односно ненавременото поднесување на даночна пријава во законски предвидениот рок. Предвидените казни достигнуваат и до 3.500 евра во денарска противредност.