Дали ви се случило банкоматот да ви ја “проголта“ картичката и во истиот момент да не знаете што да направите, а парите ви се повеќе од потребни? Или можеби сте ваделе пари од банкомат, парите ви се симнати од сметката, а банкоматот не ви ги исфрлил?
Што треба да направите доколку се најдете во ваква ситуација, одговор побаравме во ПроКредит банка.
Во првиот случај, најчестата причина поради која банкоматот може да ја задржи картичката е доколку се внесе погрешен пин три пати по ред.
“Доколку картичката е заглавена на банкомат, клиентите треба да се јават во Контакт центарот на Банкатаи да го пријават случајот или да известат во најблиската експозитура. Потоа банката, по барање на клиентот ја повлекува картичката и ја доставува во експозитурата која му е најблизу на клиентот за подигнување. Клиентите треба да достават документ за лична идентификација за да може да ја подигнат картичката“, објаснуваат од ПроКредит банка.
Доколку картичката е заглавена на банкомат на друга банка, како што посочуваат од ПроКредит, клиентот треба да ја посети таа банка со лична карта или пасош во најскоро време. Во меѓувреме, клиентот може да ја блокира својата картичка со повик во Контакт центарот доколку е потребно и доколку сака дополнително да се заштити, независно од работното време на експозитурите.
“Доколку картичката е заглавена на банкомат во странство, за истото важат правилата на таа земја и таа банка. Во тој случај, најдобро е картичката да се блокира преку повик во Контакт центарот, а клиентот по враќањето да аплицира за нова картичка. ПроКредит банка ја нуди можноста за враќање на картичка од банкомат на ПроКредит на сопственикот на картичката, во текот на истиот ден“, наведуваат од Банката.
Во вториот случај, од ПроКредит советуваат клиентот најпрво да провери дали парите се повлечени од неговата сметка. Тоа може да се направи со проверка на состојбата на сметката на банкоматот, во експозитура, преку Контакт центарот на банката или со преглед на изводот од системот за електронско банкарство.
“Доколку парите се повлечени, а не се исплатени клиентот треба да се обрати во било која филијала на Банката. Според резултатот од испитување на случајот, парите ќе бидат вратени на неговата сметка. Доколку ова се случи во странство, наједноставна проверка за состојбата на сметка е преку системот за електронско банкарство или директно со повик во Контакт центарот. Враќањето на средствата зависи од интерната процедура на странската банка на чиј банкомат не се случила предвидената исплата на средства“, потенцираат од ПроКредит.
Бројот на Контакт центарот на ПроКредит банка, кој на клиентите им е на располагање 24/7 е 02/2446000.