Граѓаните го избраа изгледот на новата плажа на Охридско Езеро

47

2p

Министерството за транспорт и врски вчера информираше дека заврши анкетата за избор на архитектонско – урбанистичко решение за уредување на плажа на Охридското Езеро во општина Дебарца, на која граѓаните можеа да гласаат за едно од петте идејни решенија.

Согласно резултатите од електронското гласање, од вкупно 3.072 гласови, идејното решение бр. 3 доби 56% од гласовите.

Проектот се однесува на уредување на една плажа на дел од Охридското езеро која се наоѓа во непосредна близина на аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид на територија на општина Дебарца.

3p

Предвидено е на плажата да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за питка вода, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.

Сервисниот пункт треба да има шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Треба да биде обележан просторот за капење во езерото заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување, а местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.

1p

Целта на проектот е да се овозможи користење на водената површина како и можност за рекреација на предметната локација со што ќе се овозможи континурано користење на истата преку текот на целата година. Плажата е предвидена да се изгради согласно највисоките туристички стандарди, а особено внимание ќе се посвети да не се наруши еко-интегритетот на околината.

Концептот на заштитата на природната средина и зачувување на автентичноста на некои од обележјата, кои се јавуваат како специфични за тој регион, при изработка на архитектонско-идејното решение беше основно начело што се бараше на конкурсот.