Ердоган им се закани на Moody’s и Fitch

39

rejting

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини рејтинг агенциите Moody’s и Fitch дека нивните проценки за турската економија се политички мотивирани, дека не се засновани на вистинската состојба и дека поради тоа Анкара би можела да ја прекине соработката со нив, јавуваат турските медиуми.

Moody’s и Fitch предупредија на можно негативно влијание од продолжувањето на политичката несигурност во Турција по победата на Ердоган на неодамнешните претседателски избори во земјата.

“Ја прекинавме соработката со Standard & Poor’s, а ако таквата пракса продолжи, можам да му речам на премиерот да ја прекине соработката и со овие две агенции. Но, уште не сме стигнале до таа точка”, вели Ердоган, пренесува Хуријет.

Fitch го држи кредитниот рејтинг на Турција на BBB- со стабилни изгледи. Минатата недела објави дека турската централна банка пред општите избори следниот јуни би можела да се најде под силен политички притисок да ги намали каматните стапки, и покрај растот на инфлацијата.

Moody’s, која рејтингот на Турција го држи на Baa3 со негативни изгледи, предупреди минатиот месец дека победата на Ердоган на претседателските избори не ги реши кредитните предизвици на земјата и дека таа неизвесност ќе потрае.

Турција во мај 2012 година жестоко реагираше кога Standard & Poor’s ги намали изгледите на нејзиниот кредитен рејтинг од позитивен на стабилен. Ердоган тогаш порача дека Анкара веќе не ја признава таа агенција, а нејзината олука ја нарече идеолошка.