Експерт од Германија три недели го пренесуваше своето искуство за подобување на квалитетот и проиводството на чоколада во прилепската фабрика Витаминка.
“Витаминка има технологија и врвни технолози, но секако многу битно беше што имавме експерт кој работел во многу големи компании, меѓу кои и Нестле и да ни ги пренесе искуствата. Работевме за подобрување на вкусот и конзистенцијата на чоколадата во споредба со најпродаваните марки овде, како репер, наидовме на добра соработка. Од друга страна работевме и на рекомпонирањето на состојките на еден друг начин“, вели Мајран Танески, технологот и шеф на производството во Витаминка, пренесе Миа.
За експертот Јоаким Чемба од Германија, Витаминка располага со добра технологија и стручен кадар. Според него рецептот е во константното високо ниво на квалитетот и состојките. Некогаш е битно само нивно рекомпонирање, но во секој случај за врвната чоколада е пресудно квалитетното какао.
“На лице место сум да помогнам за квалиетот, производството, за понатамошното унапредување и усовршување. Ако се сака да се има врвен квалитет, треба да се земе врвно какао“, вели Јоаким Чемба, германски експерт за чоколада.
Витаминка е подготвена преку владината програма да ангажира експерти и во другите кондиторските области, особено што преку 42% од производството пласира во светот. Се подготвува за новата инвестиција за производство на врвна чоколада, вредна два и пол милиони евра.
“Се се одвива навремено. Опремата е од врвниот производител Милер за високотехнолошко производство на квалитетна чоколада. Кон крајот на март наредната година треба да биде тој рок испочитуван за да се донесе опремата и да почне првото производство“, вели Танески.
Владата ја почна втората фаза од ангажирањето експерти во македонските компании. Овие два месеца, нови 20-тина ќе им помагаат на фирмите да се развиваат, да го зголемат профитот и за економски раст во земјава. Освен експерти од Германија, Холандија, ЕБРД, Швајцарија, сега се ангажираат и од Италија и Австрија.