Пристојна работа за поголема продуктивност на работниците

52

Светот се соочува со дефицит на пристојна работа, односно со несоодветни услови за работа, несигурни работни места и родова дискриминација. Потребно е да продолжат напорите на синдикатите и на сите инволвирани страни за пристојна работа со што ќе се обезбеди поголема продуктивност кај работниците и ќе се намали гладот и сиромаштијата.

Ова беше истакнато на денешната трибина што по повод 7 октомври – Светскиот ден на пристојната работа го организираше Сојузот на синдикатите на Македонија, пренесува Миа.

Во Македонија, како што беше посочено, најлоши услови за работа има во секторите каде се бара нискоквалификувана работна сила, а сознанијата на синдикатот укажуваат дека најчесто работниците се жалат на несоодветни услови за работа, несигурна плата и занемарување на основните работнички права загарантирани согласно законот и колективните договори.

Според Горан Велевски од Министерството за труд и социјална политика, во Македонија се направени низа реформи за креирање на нови работни места, а со најавите на странските инвеститори се очекува зголемување на бројот на работни места.

“Креирањето на работни места допринесува до намалување на невработеноста, а во еден подоцнежен период со зголемување на конкуретноста на работната сила и до зголемување на платите. Потребно е да се намали невработеноста и да се зголеми конкуренцијата и квалитетот на работната сила за да пораснат платите“, појасни Велевски.

Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека социјалниот дијалог и колективното договарање се клучни за да се постигнат начелата за пристојна работа.

“Законодавството и колективните договарања во националните економии се главната алатка кои имаат клучна улога во ублажувањето на несигурното вработување и подобрување на условите за работа“, нагласи Елизабета Гелевска од Секцијата на жени при ССМ.

Годинава, Светскиот ден на пристојната работа се одбележува под мотото “Стоп на непостојаната, стоп на несигурната работа“.

Идејата за пристојна работа е прифатена на Светскиот самит на Обединетите нации во 2005 година, а Меѓународната конфедерација на синдиакти го прифати 7 октомври како Светски ден на пристојната работа.