Српскиот премиер Александар Вучиќ, на вчерашната средба со рускиот претседател Владимир Путин, кој беше во официјална посета на Белград, се договориле фиат автомобилите што се произведуваат во Крагуевац да се извезуваат и на рускиот пазар.
“Добра вест за граѓаните на Србија е дека претседателот Путин на моја молба прифати одредена квота Фиат возила од Крагуевац да извеземе во Русија, а се договоривме и да имаме послободен режим за извоз на сирење, што е значајно за нашето земјоделие”, изјави Вучиќ, јавува Танјуг.
Вучиќ додаде дека со рускиот претседател разговарале за зголемување на стоковата размена и дека се на чекор до решение за некои прашања од областа на енергетиката. Путин, пак, го истакна земјоделието како област со голема перспектива за соработка, додавајќи дека ако се реализираат постигнатите договори на вчерашната средба, извозот на српски производи може да порасне од 130 милиони на 500 милиони долари за кратко време.
Путин порача дека Јужен тек не може да биде реализиран еднострано, но дека е длабоко уверен дека е корисен за европските потрошувачи.
“Јужен тек не може да биде реализиран еднострано ако нашите партнери се уште размислуваат”, изјави Путин, пишува Танјуг.
Путин и Вучиќ ја разгледувале перспективата за соработка во аграрот, во сферата на енергетиката, машинство и инфраструктура. Путин потсети дека руските инвестиции во српската економија досега изнесуваат три милијарди долари, а за три години би можеле да стигнат до шест, па дури и до 10 милијарди долари.