Клуб Матица отпочнува инцијатива за празнување на македонската книга

354

klub matica

Налик на светските метрополи, клубот Матица го продолжува трендот кој низ светот е посветен на промоција на читањето и дружењето со книгите. Во сабота, Булеварот на книгите, ќе биде буден до полноќ. Матица препорачува забава со книгите, како извор на љубов и инспирација.

Овојпат, манифестацијата ќе ја промовира иницијатива на Клубот за празнување на Ден на македонската книга, кој би се одбележувал на 23 мај, еден ден пред Денот на македонската писменост. Инцијатива која произлезе од проектот Читај повеќе, а ги вклучи сите еминентни македонски писатели, актери, музичари, кои на различни локации низ Скопје и Македонија, со јавно читање на поезија и проза, го славеа зборот, словото и книгата.

“По примерот на развиените европски држави, со основна идеја и цел за промоција на книгата и авторот, веруваме во идејата за празнување на Ден на македонската книга. Празник кој, со вклучувањето на сите релевантни институции од областа на културата, од приватниот и општествениот сектор, ќе ја промовира културата на читање, со разни теми од сите области на општественото живеење. Верувам дека сите издавачи, автори и културни работници ќе ја прифатат оваа идеја и со заеднички сили ќе успееме во желбата за одбележување на Ден на македонската книга”, изјави Дејан Павлески од Клуб Матица.

Книгите се големи сами по себе, но се уште повеличествени кога се во рацете на читателите. Големи во форма на знаење, искуство и пренесени емоции. Токму тоа е идејата зад Late Night вечерите, кога се подаруваат насмевки, многу радост и мисли кои вреди да се запомнат.

За оваа ноќна книжевна авантура да биде уште поинтересна, се погрижи и Виталиа, која инспирирана од насловите, на граѓаните ќе им подари здрави производи.

Акцијата Будни до полноќ, ќе биде реализирана во Сабота, кога Клуб Матица на булеварот Климент Охридски, ќе биде отворен за љубителите на книгите до полноќ. Со големи попусти и вистински подароци, продолжува имплементацијата на светскиот тренд за 24 часовна достапност на книгите за граѓаните на Скопје.