Комитетот за оперативна монетарна политика при Народната банка на Република Македонија констатира дека движењата во економијата во државава, од аспект на монетарната политика и натаму се релативно поволни. Исто така продолжува и трендот на релативно поволни движења кај инфлацијата и девизните резерви.
Во однос на инфлацијата податоците за декември 2012 покажуваат понатамошна стабилизација на ценовното ниво. Просечната инфлација за целата година била во рамки на проекциите, додека годишниот раст на цените во декември е понизок, во споредба со претходните очекувања.
“Ваквата динамика на домашните цени упатува на постепено смирување на инфлациските притисоци и намалување на ризиците околу идната инфлација. Имајќи ги предвид сегашните претпоставки, последните оцени покажуваат дека инфлацијата во 2013 година би била пониска од претходно очекуваната”, се вели во соопштението од НБРМ.
Во вчерашното соопштение се посочува и дека поволниот девизен пазар, во декември, овозможи повисок раст на девизните резерви, во споредба со очекувањата, покажувајќи подобра појдовна позиција на девизните резерви на крајот на годината во однос на очекувањата. Очекувањата се дека поволните движења кај девизните резерви ќе продолжат и во текот на оваа година.
И покрај подобрувањето на состојбата во третиот квартал, активноста во реалниот сектор е релативно слаба и укажува на отсуство на притисоци врз инфлацијата и девизните резерви преку побарувачката. Кредитната поддршка на економијата преку банкарски кредити и понатаму постои, но сепак банките се воздржуваат од поголемо кредитирање. Поради тоа Народната банка одлучи да ја намали максималната каматна стапка на благајничките записи за 0,25% поени.
“Најновите податоци за кредитниот пазар покажуваат понатамошно забавување на кредитниот раст. Во услови на намалени инфлациски ризици, поволни движења кај девизните резерви, бавно закрепнување на реалниот сектор и забавување на активноста на кредитниот пазар, на оваа седница на Комитетот беше одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 процентни поени, со што ќе изнесува 3,5%, како и каматната стапка на расположливите депозити на 7 дена, од 2% на 1,75%”, стои во соопштението.
Комитетот донесе одлука на аукцијата да бидат понудени благајнички записи во износ од 24.500 милиони денари, што претставува пониско ниво од достасаниот износ од 26.000 милиони денари. Се предвидува и дека понатамошното олабавување на монетарната политика ќе придонесе за олеснување на кредитните услови и поголема економска активност.