Во август пристигнува првиот од шесте нови патнички возови

51

Следниот месец во Македонија ќе биде испорачан првиот од шесте патнички возови што за Македонски железници Транспорт ад Скопје ги произведува кинеската компанија ЦРРЦ, пишува Миа.

Новата електромоторна патничка гарнитура денеска беше промовирана во фабриката на компанијата во градот Џуџо пред македонска делегација предводена од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Возот е со три вагони со капацитет од 200 патници и можност за брзина до 160 километри на час. Од ЦРРЦ, Македонија набавува уште една електромоторна и четири дизел гарнитури.

Новите патнички возови ќе имаат вкупен капацитет од 1.200 патници, што ќе покрива 60% од линиите што ги одржува МЖ – Транспорт. Треба да бидат климатизирани, опремени со вакуум тоалети, да ги задоволуваат најстрогите мерки за енергетска ефикасност, да ги исполнуваат безбедносните стандарди, како и услови за превоз на лица со ограничено движење.

Набавката на возовите се врши со 25 милиони евра, дел од кредитот од Европската банка за обнова и развој наменет за обнова на возниот парк на МЖ Транспорт. Со 15 милиони евра од кредитот се финансираше и купувањето 150 товарни вагони за МЖ – Транспорт, а со 10 милиони евра обновата на постоечките локомотиви и гарнитури.

ЦРРЦ е најголем светски производители на локомотиви и вагони за превоз на патници и стока. Произведува и сервисира локомотиви и вагони за патници и за товар, мотори за возила и возила за градски превоз и соодветни компоненти, а ја има произведено и првата електрична локомотива во Кина.