Зголемен индикаторот на доверба во второто тримесечје во градежништвото

36

Според оценката на раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото, индикаторот на доверба во второто тримесечје од 2015 година е зголемен за 0.1 процентeн поен во однос на претходното тримесечје и исто така зголемен за 1.7 процентни поени во однос на истото тримесечје од 2014 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Очекувањата за вкупните порачки (договори) за градежни работи се дека ќе се зголемат во наредните три месеци, а очекувањата за бројот на вработените се дека ќе остане на исто ниво во наредниот период.
Оценката за економската состојба во второто тримесечје од 2015 е речиси на еднакво ниво како во претходното тримесечје, а поповолна во однос на второто тримесечје од 2014 година, оценката за финансиската состојба на нивните деловни субјекти е дека е понеповолна во однос на претходното тримесечје, а оценката за сегашната состојба со порачки (договори) е поповолнa споредено со претходното тримесечје.
Во наредниот период се очекува продажните цени да се намалат, a бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата во второто тримесечје од 2015 година се над нормалата.
Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: зголемени финансиски трошоци (камати) со 18,3%, зголемени трошоци за материјали со 16,8%, недостиг на обучен кадар со 13,0% и зголемени трошоци за труд со 10,5%.