Македонската Кошаркарска Федерација се приклучи кон кампањата Шанса за живот, иницирана од компанијата ОКТА. Сите средства собрани од пријателскиот натпревар со репрезентацијата на Израел се веќе донирани за целите на кампањата. На повик на Федерацијата фановите на кошарката преку донирање на минимум 100 денари добиваа алка со логото на кампањата и со тоа можеа да го следат натпреварот и дадат поддршка за кампањата.
„Преку активностите на кампањата Шанса за живот, ја увидовме состојба на Одделението за интензивна нега и потребата од донација. Овој натпревар е само почеток на нашиот придонес кон хуманата цел што ќе продолжи и понатаму. Благодарни сме на сите оние што беа присутни на натпреварот и се вклучија во кампањата, но воедно како што ние ќе продолжиме со нашата поддршка, ги повикуваме и граѓаните на активно вклучување во кампањата Шанса за живот“, изјавија од Федерацијата.
ОКТА како главен донатор ја започна кампањата минатата година со цел подобрување на условите на интензивното одделение, каде секојдневно се сместуваат бебиња родени со компликации од целата држава.
„Вклучувањето во кампањата од страна на Кошаркарската Федерација покажува дека сме успеале во целта, да ја подигнеме свеста на граѓаните за состојбите на овој оддел и да ја мотивираме нивната поддршка преку донација. Горди сме што нашите досегашни залагања придонесоа кон постигнување на видливи резултати со неколку донации, а со истата динамика и ентузијазам ќе продолжиме и понатаму“, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА.
Преку кампањата шанса за живот за Интензивното одделение беше набавен нов инкубатор, а се обезбеди и сервис на останата опрема како аспиратори, перфусори и три постоечки инкубатори. Наскоро следи и нова донација, најавуваат од ОКТА.
„Благодарни сме за вклучувањето на Кошаркарската федерација и нивната поддршка ни значи многу. Ова е уште еден чекор кон подигнување на јавната свест за потребите на нашето одделение. Бројот на поддржувачи секојдневно се зголемува, но исто така и нашите потреби, затоа повторно ги повикувам граѓаните, компаниите и здруженијата на поддршка и донации за кампањата“, изјави Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести од Скопје.
Активностите поврзани со кампањата Шанса за живот, ќе продолжат и во наредниот период, но, овој пат со целосна поддршка и учество на настаните од страна на МКФ.