ОКТА овозможи престој за децата со Даунов синдром во специјализиран летен камп

36

Компанијата ОКТА им овозможи на децата со Даунов синдром за првпат да учествуваат во програмата за подобра социјализација и комуникација на летниот камп Јупи во Криопиги, Грција. Деца од Битола и Скопје заедно со своите родители ќе бидат дел од специјализираниот камп, каде преку креативните работилници и активности се стимулира нивниот развој и интеграција. Патувањето коешто го организира Центарот за Даунов синдром е со целосна финансиска поддршка од компанијата ОКТА.

„ОКТА ја препозна потребата да ја поддржи оваа иницијатива на Центарот за Даунов синдром, бидејќи веруваме дека помагањето и придонесувањето за интегрирање на овие лица во секојдневните социјални сфери е одговорност и должност на сите нас. Се надеваме дека програмата која ја нуди кампот и е специјално адаптирана на нивните потреби ќе овозможи да се стекнат со едно поинакво искуство кое ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на животот на целото семејство“, истакна Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА.

Специјализираните летни кампови се значајни затоа што придонесуваат за подобрување и развивање на когнитивните и моторните вештини кај децата со Даунов синдром и преку различните вежби, игри и активности им овозможуваат поинаков летен одмор. Дополнителното значење на овој камп е што тој е еден од ретките каде се применува специјалната Рејнбоу програма, наменета за деца со посебни потреби.

„Пресреќни сме што дел од лицата со Даунов синдром од Битола и Скопје ќе можат да се вклучат во програмата на кампот Јупи во Грција. Огромна е нашата благодарност до компанијата ОКТА која ни овозможи оваа идеја да стане реалност, покажа разбирање и вистинска иницијатива за збогатувањето на животот на лицата со Даунов синдром и подигнување на јавната свест за потребите на овие лица и нивните семејства. Очекуваме убав и исполнет одмор во кој нашите деца ќе стекнат драгоцени искуства. Се надеваме дека ваквите иницијативи ќе станат традиција во соработката со нашите соседни земји и дека поголем број лица со Даунов синдром ќе се вмрежуваат и учат едни од други на забавен и рекреативен начин“, рече Ида Мантон, основач и претседателка на Центарот за Даунов синдром.

Центарот за Даунов синдром е основан во април 2013 година како непрофитна организација чија главна цел е да се подобри животот на лицата со Даунов синдром во земјава.