Државата ќе ги плаќа придонесите за замените на жените на породилно 

39

Pregnant

Владата вчера на седница го усвои Предлог законот за дополнување на Законот за вработување, кој овозможува поволност за работодавачот, односно да има можност за време додека има работник на породилно отсуство, да вработи друго лице кое ќе работи за периодот додека трае породилното отсуство на работникот кој го заменува и притоа за тој период да биде ослободен плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување.

“За користење на оваа мерка, обврска на работодавачот е работникот за кој се користи ослободување да го распореди на истото работно место на кое работел работникот кој користи породилно отсуство и да му плаќа иста нето плата. Работодавачот е обврзан по истекот на породилното отсуство на работникот и негово враќање на работа, да го задржи истиот на работа уште најмалку за истиот период за којшто бил ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и работодавачот од приватниот сектор за да ја користи мерката не смее да има неисплатени плати, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци повеќе од два последователни месеци”, информира вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски на денешната пресконференција, јавува Миа.

За министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, ова е позитивна стимулативна мерка со која ќе се влијае на намалување на злоупотребите на правото на користење на породилно отсуство за мајките и минимизирање на случаите на мобинг врз бремените жени.

“Предвидовме решение со кое работничка доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) има право на платено породилно отсуство од работа во траење од 15 месеца непрекинато. Исто така воведовме можност за сите мајки по завршување на отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство, имаат право на неплатено родителско отсуство до три месеци во периодот до навршување на тригодишна возраст на детето”, рече Спасов, пишува Миа.