Нови правила за означување на прехранбените производи од 13 ноември

59

Операторите на храна од 13-ти ноември ќе треба да се придржуваат кон новиот правилник, којшто налага строги одредби за означување на прехранбените производи, пишува Миа.

Задолжително ќе треба да биде означено името на производот, нутритивната табела и составот на производот каде ќе мора да бидат наведени сите алергени доколку ги има производот. Минималната големина на буквите треба да биде 1,2 милиметри со цел да бидат видливи за потрошувачите кои ќе се информираат за производот што сакаат да го купат.

Производот ќе може да содржи и доброволни информации во кои спаѓаат нутритивните тврдења како што се дали производот има одредени витамини или минерали, а може да бидат наведени и здравствени тврдења.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Попоски денеска информира дека операторите на храна се запознаени со правилникот и изрази надеж дека нема да имаат проблеми со неговата примена.

“Сите оператори со храна треба да ги спроведуваат сите работи што се однесуваат на означувањето на храната. Операторите со храна што извезуваат веќе од 13 декември 2014 години ги спроведуваат овие одредби, а сега и операторите за храна кои ќе ги пласираат своите производи на домашниот пазар ќе ги применуваат“, рече Попоски.

Доколку операторите со храна не се придржуваат до правилникот, тогаш, како што најави Попоски, ќе се излезе на терен и ќе се преземат соодветни мерки. Глобите за непочитување изнесуваат од 1.000 до 10.000 евра во денарска противвредност.

Правилникот стапи на сила на 3 септември и со него се очекува поголема заштита на здравјето на луѓето од опасностите поврзани со храната.