Статистика: Над 90% од фирмите во Македонија се микропретпријатија

26

Микропретпријатијата со помалку од 10 вработени опфаќаат околу 90,7% од вкупниот број, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во нив се ангажирани 33,3% од вкупно вработените кои, пак, создале 23,2% од вкупната додадена вредност. Од друга страна, во големите претпријатија (0,3%) се ангажирани 24,4% од вкупниот број на вработени, со остварени 34,5% од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор.

Во 2014 година, во рамки на структурните деловни статистики се анализирани 53.238 деловни субјекти со 345.709 вработени лица, во кои е остварен вкупен промет од 992.592 милиони денари и е создадена додадена вредност од 209.468 милиони денари.

Најголем број од претпријатијата припаѓаат на секторот Трговија на големо и на мало (43%), со 26,4% од вкупниот број на вработени и реализирани 43,7% од вкупниот промет. Како втор по значење, секторот Преработувачка индустрија учествува со 13,2% од претпријатијата, 31% од вработените и 25,5% од вкупниот промет.

Во вкупната додадена вредност, пресметана според факторот на трошок, во 2014 година, најголемо учество имаат претпријатијата од секторот Преработувачка индустрија (26,8%) и секторот Трговија на големо и на мало (23,5%).