Музиката е начин на комуникација со луѓето

MARINA CADO
Марина Чадо, ко-сопственик на музичкото училиште Пијано Форте

Марина Чадо е уметник, професор по виолина и ко-сопственик на музичкото училиште Пијано Форте. Со школувањето почнала во Македонија, продолжила во Москва, па Љубљана, за да се врати во Скопје и стекнатото искуство да го сподели со своите ученици.

“На еден начин го градиме и карактерот кај децата, ја поткреваме нивната самодоверба, ги учиме како да бидат упорни, да не се откажуваат, да соработуваат со другите, да гледаат позитивно, со еден збор – ги учиме живот”, вели Чадо.

БИ: Стекнувавте знаење и искуство во Русија и Словенија, па се вративте во Македонија како ко-сопственик на музичкото училиште Пијано Форте и професор по виолина. Како започна ова патешествие?

Уште како мало дете имав афинитет кон музиката, па така моите родители ме запишаа во основно музичко училиште и многу добро се пронајдов во свирењето на виолина. Образованието го продолжив во средното музичко училиште во Скопје, Илија Николовски Луј. Потоа имав ретка можност да се запишам на престижниот конзерваториум во Москва – Петар Илич Чајковски – еден вид мека на гудачките инструменти. Таму поминав шест години и многу научив што значи да си уметник и да живееш од тоа. Потоа се вратив повторно во Македонија и накратко работев во еден камерен оркестар – оркестар на радио и телевизија, којшто за жал многу кратко време егзистираше. Мојата кариера продолжи како професор во средното музичко училиште, каде добив класа виолинисти и работев со нив пет години. Повторно заминав од Македонија и десет години живеев во Љубљана, Словенија. Таму работев во еден приватен систем на Валдорфски школи, каде добив помош од целиот колектив да отворам  музичко училиште во рамките на системот. Откако ги поминавме сите законски процедури, добивме дозвола од државата да ја спроведеме програмата за училиштето која беше 80% финансирана од државниот буџет, што е всушност пракса при започнување на приватен бизнис во Словенија. Системот успешно работеше во следните шест години, јас бев директор на музичкиот оддел, а во меѓувреме и интензивно концертирав. По десет години изминати во Словенија, патот повторно ме донесе во Македонија, каде мојата блиска пријателка Виолета Стефанофска Шуковиќ веќе десет години имаше приватно училиште за пијано и ми понуди да ги споиме своите таленти во заедничко раководење на бизнисот. Вики пред да дојде во Македонија магистрираше пијано во Австралија, одржуваше концерти таму и исто така донесе едно богато знаење и искуство во Македонија. Значи Пијано Форте постои од 2000та година, а како заедничка фирма од 2010-та.

nn

БИ: Која е предноста на Пијано Форте? По што е препознатливо ова училиште?

Прво и основно, по пријатната и пријателска атмосфера. Пијано форте е креативно место каде што се негува индивидуален пристап кон секое дете и на тој начин настојуваме да го извлечеме максимумот од секој ученик. Тоа нè прави различни. Од собраните искуства од светот и од постојаното следење на трендовите ние имаме направено наша програма. Сè што ни се допаѓа и што може да придонесе во едукацијата го вметнуваме во наставата. Започнуваме уште од првата година со инструмент, за разлика од останатите школи каде се учат ноти и теорија. Освен пијано, гитара и виолина, децата учат и тапани и маримба (слично на ксилофон). Тие се веднаш во контакт со избраниот инструмент, произведуваат звук и тоа многу ги мотивира да бидат креативни. Додека тие го изучуваат инструментот, ние полека ги описменуваме, спојуваме пракса и теорија. Ги воспитуваме децата дека музиката е нешто што треба да се сподели со останатите, тоа е еден вид на комуникација со луѓето. За таа цел во текот на година организираме четири настапи, есенски и пролетни мали концерти и новогодишен и завршен голем концерт каде учествуваат сите ученици. Концертите ги одржуваме во МОБ во салата Империјал и во Даут – пашин амам.

На еден начин го градиме и карактерот кај децата, ја поткреваме нивната самодоверба, ги учиме како да бидат упорни, да не се откажуваат, да соработуваат со другите, да гледаат позитивно, со еден збор ги учиме живот.

bb

БИ: Според какви програми работите?

Стандардите за работа ги обезбедуваме, што е многу важно за да постоиш како приватно училиште. Имаме своја програма што е по светски стандарди и во целост компатибилна со државната, но имаме и нешто плус. Секој инструмент има конкретни години на изучување. Виолина, пијано и гитара кај нас се изучуваат девет години, додека државната програма трае осум години, а тапани се изучуваат шест години. Кај останатите инструменти програмата е иста како и државната. Програмата во Пијано Форте е комбинација од англиската Royal academy of music, Валдорфската програма, македонската државна програма и секако, нашите искуства.

Колку за споредба, прво започнавме со дваесетина деца, а сега броиме 80 ученици. Нашите деца со своето музичко знаење можат да се претстават во било која земја. Ние како професори ги подготвуваме учениците за достоинствено да го претстават својот талент во странство. Со тоа што се одлучиле за музицирање, тие веќе се определуваат да излезат надвор од границите, да ја споделат својата музика, својот талент со светот и да се вклопат во рамките на било кој систем. Сме имале концерти во неколку државни училишта, бевме во Словенија, добитници сме на многу меѓународни и државни награди.

БИ: Ги споивте музиката и претприемништво. Како е кога ќе се спојат бизнисот и задоволството?

Нашата генерација израсна во едно друго општество каде државата мислеше за поединецот и немавме потреба да учиме претприемништво. Така ние моравме да учиме за бизнис сами, да ги разгледуваме можностите без никакво предзнаење. Ќе беше многу полесно некој претходно да нè научеше што значи да опстанеш сам и како да бидеш сам свој газда. Значи учевме сами по интуиција и одевме на семинари, што во голема мера ни помогнаа, се консултиравме со други приватни компании… На почетокот ни помогнаа и пријатели кои веруваа во нас, нашите семејства…

Untitled

Моментално броиме 12 професори,  а започнавме со тројца. Повеќето се вработени, односно штом ќе се исполни фондот на часови кај професорот, ние го вработуваме. Имаме и надворешни соработници кои тука одржуваат екстра часови и се еден вид дополнителна помош. Морам да напомнам дека ги обучуваме и нашите професори, сите имаат ист приод и работат по ист систем, секако со доза на индивидуалност од самиот професор со можност да биде креативен и да се развива професионално… Затоа како тим функционираме одлично.

БИ: Какви се идните плановите на Пијано Форте?

Не застануваме тука, планираме и понатаму да се шириме. Сега почнуваме соработка со градинката Пиколино, планираме да одржуваме екстра часови по учење, како дел од методологијата по учење, каде учениците всушност ќе ја научат технологијата на учењето (што важи за секој предмет). Понатаму во план ни е мултиетнички оркестар во Македонија преку кој ќе го истражуваме културното наследство во музиката. Постојано креираме нешто ново, постојано сме инвентивни во работата. Имаме знаење и чувствуваме должност да го пренесеме на идните генерации, да дадеме свој придонес во пошироки размери и на подолгорочен план.  И токму тоа е нашата мотивација и на тоа се должи на нашиот успех во работењето.