Фото: Royole
Американската технолошка компанија Royole, којашто е основана во 2012 година од страна на дипломци од Универзитетот Стенфорд, креираше комерцијален смартфон на склопување.
За разлика од останатите компании, како Samsung коишто работат на истата технологија, моделот FlexPai на Royole е уред што истовремено е и телефон и таблет.
Тој може да се користи кога е склопен, односно свиткан, но и со целосната големина како таблет. Според компанијата, FlexPai е лесно пренослив, карактеристика барана кај паметните телефони, но има и висока резолуција што пак е потребно за еден таблет.
Основачот и извршен директор на Royole, Бил Лиу вели дека “смартфонот совршено ја решава контрадикторноста помеѓу преносливоста кај смартфоните и потребата за висока резолуција кај екраните“.
FlexPai има 7,8 инчен дисплеј во боја, сооднос на екранот 4:3, резолуција од 1920 x 1440, нотификации на работ на екранот, две камери и може да се витка од 0 до 180 степени.
Првите испораки ќе започнат на крајот на декември.