Акциите на Комерцијална, Алкалоид и НЛБ Тутунска банка најтргувани во мај

22

berzanski podatociАкциите на Комерцијална банка, Алкалоид и НЛБ Тутунска банка се најтргувани хартии од вредност во мај, покажува месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со вкупно 155 трансакции, акциите на Комерцијална зафаќаат 42,63% од прометот на официјалниот пазар во мај. Акциите на Алкалоид учествуваат со 126 трансакции, односно 13,10% од вкупниот промет. Трети најтргувани се акциите на НЛБ Тутунска банка со 54 трансакции, или 9,78% од вкупниот промет.

Најголем пораст во мај забележаа акциите на Бетон Скопје со 58,35%, потоа следат хартиите од вредност на Фустеларко Борец од Битола со скок од 21,60%. На трета позиција се акциите на РЖ услуги Скопје со зголемување на вредноста од 10% во однос на претходниот месец.

Акциите на Димко Митрев од Велес во мај забележаа остар пад од 85,21%, потоа оние на Тутунски комбинат од Прилеп со намалување на вредноста од 55,56%, додека зад нив се акциите на Лотарија на Македонија со пад од 50%.

Пазарната капитализација на Македонската берза во мај беше на ниво од 93.635.516.830 денари, што е намалување од 6% во однос на претходниот месец. Прометот забележаа пад од 26,99% и се позиционираше на ниво од 120.532.000 денари. Кај бројот на трансакции е забележан пад од 30,81%, додека намалување има и кај индексот на Берзата – МБИ10 од 2,84%.