Аксиос – мал градски автомобил на струја од Србија

45

aksios

Низ улиците на Белград од септември ќе се појави мал градски автомобил на струја, чија цена нема да надмине 10.000 евра, пишува Новости.

Компанијата Еко Србија, којашто стои зад овој хибриден автомобил, веќе ја договори првата испорака на делови за составување на 12 возила. Планот е наскоро сите делови за автомобилот, под името Аксиос, да се произведуваат во Србија.

“Ние заедно со кинескиот партнер се договоривме околу увозот на делови од шасија, мотор, батерија, каросерија, кои ќе се склопуваат во околината на Белград. Сепак, наша желба е електромоторот и каросеријата да се произведуваат во Србија, па веќе почнавме преговори со српски компании што можат да ги произведуваат овие компоненти“, вели Драган Шкрниќ, директор на Еко Србија.

Овој електричен автомобил, чија промоција се најавува на петти септември, е наменет за користење во градски услови. Со едно полнење на батеријата може да помине и до 140 километри во реални услови, а достигнува максимална брзина до 60 километри на час.

Аксиос се полни преку обичен штекер од 220 волти што го има во секој дом, а потребни се максимум осум часа за целосно полнење на батеријата. За само два часа се доволни за да се наполнат 60% од батеријата.