Алкалоид со 1,16 милијарди денари добивка ја заврши 2020 година

48

Фармацевтската компанија Алкалоид минатата година ја заврши со добивка од 1.167.485.000 денари, стои во консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

На крајот на 2019 година, компанијата прикажа добивка од 1.015.260.000 денари.

“Остварената консолидирана нето-добивка во 2020 година изнесува 1.167.485.000 денари и во споредба со остварената во 2019 година бележи зголемување за 15%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари-декември 2020 година изнесуваат 12.553.883.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2019 година бележат пораст од 11%. Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 97%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2019 година бележат пораст од 9%.

На шести април 2020 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто дивиденда за 2019 година, во износ од 515.287.000 денари, односно 324 денари нето за една акција.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-декември 2020 година изнесуваат 1.571.227.000 денари и се поголеми за 44% во однос на истиот период од 2019 година.

Во периодот јануари-декември 2020 година во Алкалоид се реализирани 210 нови вработувања во Р.С.Македонија. На крајот на декември 2020 година во Алкалоид во земјата работат 1.832 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 560 вработени или вкупно 2.392 вработени во групацијата. Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2020 година беше одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.

Во декември 2020 Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, а имајќи ги предвид отежнатите услови за работење на сите вработени за време на справување со Ковид пандемијата во 2020 година и во знак на благодарност, одобри исплата на новогодишен надоместок во нето износ од 25.000 денари.

Од вкупните консолидирани продажби, 65% се остварени на странските пазари. Најголем раст на продажби е остварен во Чешка, раст од 44%, Албанија бележи раст од 42%, Грузија раст од 31%, Унгарија раст од 29%, Ерменија раст од 20%, Бугарија раст од 18%, Романија раст од 15%, Србија раст од 14%, Словенија раст од 12%, Русија раст од 10% итн. Во 2020 година реализирани се првите продажби на сегментот
Фармација во Канада во вредност од 30,4 милиони денари.