Анализа: Колкави се платите во регионот?

85

Македонија со просечна месечна нето плата од 22.191 денари (360 евра) и бруто од 32.640 денари (530 евра), исплатена во септември, се наоѓа на последната скала според висината на месечната заработувачка во регионот.

Според Заводот за статистика, зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата во септември е забележано во секторите: Градежништво 8,7%, Земјоделство, шумарство и рибарство 7,2% и Информации и комуникации 6,0%, а намалување во однос на претходниот месец е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен 3,4%, Финансиски дејности и дејности на осигурување 2,7% и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација 2,4%.
gradeznistvo

За разлика од Македонија која се наоѓа на дното од земјите во регионот, Словенија го зазема првото место со просечна нето плата од 1.015 евра и бруто плата од 1.558 евра исплатена во септември. Во споредба со платата од август, номинално е за 0,8%, а реално за 0,9% пониска.

pari1

Во Хрватска, според последните објавени податоци за месец август, просечната нето плата изнесува 758 евра и номинално е поголема за 1,4%, а реално за 1,6% во однос на претходниот месец. Брутото е 1.037 евра, со што е номинално поголема за 1,5%, а реално за 1,7% во однос на јули. Највисока нето и бруто плата е исплатена во секторот Воздушен сообраќај во износ од 1.416 евра, а најниската плата од 438 евра е исплатена во дејноста Производство на облека.

tekstil

Зад нив се Црногорците, со нето плата од 501 евра и бруто плата од 753 евра. Во Црна Гора платата е за 0,2% помала од август, а повисока за 5% во споредба со истиот период лани. Пораст на просечната плата без данок и придонеси е забележан во секторот Останати услужни дејности 4,1%, Вадење руда и камен 3,9%, Земјоделство, шумарство и риболов од 3%, додека пад од 9,3%  е забележан во секторот Градежништво, покажуваат податоците на Монстат.

Според извештајот на Националниот статистички институт во Бугарија, просечната исплатена плата за месец септември изнесува 488 евра. Највисоки плати се исплатени во секторите Информации и комуникации 1.102 евра, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, 841 евра и Финансиски и осигурителни дејности 823 евра. Најниски се платите во секторот Угостителство 296 евра, Други активности и услуги 337 евра, Административни и помошни услужни дејности 368 евра.

ugostitelstvo

Во Федерацијата Босна и Херцеговина, просечната исплатена нето плата изнесува 428 евра и номинално е пониска за 0,8%, а реално за 0,7% во однос на претходниот месец. Во однос на истиот месец лани, просечната нето плата исплатена оваа година номинално е поголема за 1,6%, а реално за 2,8%. Бруто платата за септември изнесува 655 евра и номинално е пониска за 0,9%, а реално за 0,8% во однос на претходниот месец.

Едно скалило пред нас е Србија, каде во септември годинава нето платата изнесувала 377 евра. Во споредба со просечната плата без данок и придонеси исплатена во август, номинално е поголема за 2,8%, а реално за 3,4%, додека во однос на септември минатата година, номинално е поголема за 6% и реално поголема за 5,4%. Бруто платата изнесува 520 евра и забележано е зголемување во однос на август, номинално за 2,7%, а реално за 3,3%.