Angler – хрватска апликација што решава задачи по геометрија

112

geometrija

Неколку хрватски студенти, кои се дел од тимот Bottom Line, ја создадоа математичката апликација Angler, пишува Пословни дневник.

Апликацијата користи посебна технологија којашто овозможува решавање на задачи по геометрија. Се темели на идејата за воведување на паметни мобилни уреди во процесот за образование и решавање на математички и геометриски проблеми.

Според креаторите, Angler може да им биде од корист на учениците и студентите, но и на сите оние кои имаат потреба од брзо одредување на геометриски параметри на дводимензионални предмети.

Angler го скенира геометрискиот лик со помош на камерата на мобилниот уред, ги препознава линиите, односот меѓу нив и големината на аглите. Штом го препознае геометрискиот лик, апликацијата го прикажува неговото име, краток опис, како и пресметка на неговата плоштина. Апликацијата нуди и детали околу геометрискиот лик, постапка за решавање, формули и резултати.

Angler од септември ќе биде достапна на Google Play, од каде што ќе може бесплатно да се симнува, а тимот во овој момент работи на покомплексни функции и задачи како и на доработка на одредени делови од апликацијата.