
Меѓународниот институт за студии за Блискиот Исток и Балканот (IFIMES) од Љубљана денес објави студија за глобалното преобликување на трговските и енергетските текови преку кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“ (B&R) и коридорот Индија-Блискиот Исток-Европа (IMEEC), во која се наведува дека Балканот би можел да биде центар помеѓу трговијата и логистиката во Европа и Индискиот Океан.
Истражувањето насловено како „Од Европа до Јадранското Море и Индискиот Океан: Стратешките раскрсници на B&R и IMEEC и контрастратегијата на САД“ дава наоди, заклучоци и препораки што нудат подлабок увид во промените во меѓународниот поредок и редефинирањето на геостратешките односи меѓу Азија, Блискиот Исток и Европа, според IFIMES.
Анализата го истакнува коридорот Север-Југ (Минск-Бар-Салалах) како нова стратешка врска помеѓу Европа и Индискиот Океан што ја зајакнува улогата на Балканот, а особено на Црна Гора, во глобалната логистика.
Во анализата се наведува дека IMEEC, кој ја поврзува Индија со Европа преку Блискиот Исток, е замислен како одговор на B&R и обид за намалување на кинеското и руското влијание.
Во истражувањето на IFIMES се истакнува дека моќта во светот сè повеќе се мери со контролата на транспортните и инфраструктурните мрежи, а не со воена сила, и дека затоа САД и нивните партнери се обидуваат да го ограничат кинеското влијание преку развој на алтернативни коридори и сојузи.











