Банките се помалку кредитираат компании во еврозоната

61

Продолжува падот кај кредитирањето на компаниите во еврозоната, покажуваат најновите податоци на Европската централна банка (ЕЦБ) за кредитна активност, сугерирајќи понатамошно продлабочување на рецесијата.

ЕЦБ во последниот месечен извештај објави дека кредитните пласмани на банките кон нефинансиските институции во септември се намалени за 1,4% на годишно ниво.

ЕЦБ веќе ја намали клучната каматна стапка на рекордно ниски 0,75%, а на банките во еврозоната им додели евтини позајмици со рок на враќање од три години во вкупен износ од дури еден билион евра, сакајќи тие да ги пренасочат кон претпријатијата и потрошувачите и со тоа да ја поттикнат економската активност.

Тие средства сепак не стигнаа до саканите корисници, во добар дел затоа што побарувачката за кредити е многу слаба во економиите погодени од должничката криза.

Во меѓувреме, банките во некои земји на располагање имаа помалку средства за кредитирање, затоа што имаат проблеми со загубите и ненаплатените заеми за купување недвижнини и државни обврзници, на кои им падна вредноста поради стравот од финансиските состојби во тие држави.