Бела ноќ ќе ја најави туристичката сезона во Охрид

44

ohrid

Фото: Ohrid.gov.mk

Во рамки на манифестацијата Лето 2013, со која ќе биде отворена туристичката сезона во општина Охрид, предвидено е и одржување на Бела ноќ по примерот на светските туристички центри.

Градот ќе работи 24 часа, а туристите ќе имаат можност да проследат концерт на градскиот плоштад, забава со ди џеј и др. На повеќе пултови ќе се презентираат специфичностите на градот, додека во ноќните часови забавата ќе може да продолжи во угостителските објекти.

Ова меѓу другото беше договорено на состанокот помеѓу претставници на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид и охридските угостители.

На состанокот беа презентирани сегментите од туристичката понуда на општина Охрид: културно наследство, традиција и занаетчиство, рурален туризам, природно наследство, езерски туризам и алтернативни форми на туризам, хотели, угостители, кафе барови, ноќни клубови, сместувачки капацитети од мал обем туристички агенции и слично.

Преку реализација на програмата за манифестацијата Лето 2013 ќе бидат промовирани различни сегменти на туризмот, како дел од туристичката понуда на Охрид. На средбата беше истакнато дека самиот концепт на проектот, како и медиумската покриеност и кампања ќе овозможи привлекување на туристи, со што ќе се прошири туристичката сезона како од временски, така и од содржински аспект.

Белата ноќ се планира да стане традиционална манифестација и да се одржува секоја година на почетокот на летната туристичка сезона.