Берзата останува промотор на концептот за финансирање преку IPO

25

Фото: Facebook

Македонска берза останува промотор на концептот за финансирање на бизнисите преку берзата, на дежурната тема за IPO (initial public offering), истакна Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза, на 20-тата годишна конференција на берзата.

“Сметаме дека додека не дојдеме во ситуација да ни се појавуваат неколку вакви емисии годишно не сме постигнале суштински квалитетен развој како пазар. Ние во Македонија и во регионов сè уште немаме конзистентен образец акционерските друштва периодично да излегуваат на берза. Берзанскиот материјал е сè уште главно производ на приватизација. Оттука, креирање на окружување во кое некои компании повремено ќе решат да излезат на јавниот берзански пазар (да направат т.н. going public), на сите регионални берзи им останува стратешка цел“, рече тој.

Во овој контекст, како што рече Штериев, издавањето на т.н. перпетуална обврзница од страна на една домашна банка пред извесно време може и треба да даде сигнал кон сите потенцијални емитенти дека со одредена доза на креативност може да се дизајнираат финансиски инструменти што на кој било издавач можат да му помогнат во остварување на неговите краткорочни и/или долгорочни бизнис цели. Ова е потврда дека пазарот на хартии од вредност може да се искористи за прибирање нов капитал и дека нуди различни опции.

“Минатата 2018 година беше доста успешна за Берзата, а по повеќе параметри и најдобра во последната деценија. Oстварениот промет во првиот квартал годинава, при тргување со акции во БЕСТ системот, е на приближно исто ниво како лани. Позначајни надолни отстапувања има кај тргувањето со обврзници и блок трансакциите, но има и логични објаснувања за тоа (ланските многу големи блок трансакции кај банките и двете последователни котации на обврзници за денационализација). Ценовната перформанса на МБИ 10 во 2019 година засега е нешто под 6% во плус, после три претходни години во кој индексот континуирано се зголемуваше со двоцифрени проценти. Неодамна објавените неревидирани финансиски извештаи на котираните компании за 2018 година покажуваат дека нивната вкупна добивка е а 26% повисока од претходната година, иако во последниот квартал лани позитивната динамика како да се намалува“, рече Штериев во своето обраќање.

Објективно, според него, пазарот во целина денес се наоѓа во ситуација кога не се знае дали може добриот резултат брзо да се подобри или пак некои лимити засега се веќе достигнати. Ќе видиме дали изразениот оптимизам кај инвеститорите од минатата година ќе продолжи, дали ќе се појават некои нови инвеститори, и домашни и странски. Мора да се нагласи дека пазарот е прилично плиток. Воедно, структурата на инвеститорите последниве неколку години се темели првенствено на домашни физички лица. Оттука, карактеристика на нашиот пазар е немање јасно изразени „одредувачи на цени“ (т.н. price setters), каква што е праксата на развиените пазари, односно повеќе институционални инвеститори кои врз основа на темелна анализа ги формираат цените. Многу е битно дали позитивните неекономски случувања, како што е влезот во НАТО, очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ и сл., ќе привлечат странски портфолио инвеститори на берзата кои веќе подолго време ни недостигаат.