Бесплатен јавен превоз во Скопје, сè додека не се намали загадувањето

26

fog

Фото: Pexels

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје информира дека сите граѓани ќе можат да користат бесплатен јавен превоз во возилата на ЈСП. Оваа одлука ќе се спроведува сè до нормализирање на состојбата со загадениот воздух, стои во соопштението на ЈСП.

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов вчера објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот. Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повика сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност. Интензивирана е контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повика и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.

“Апелирам до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат. Ги повикувам градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла. Го повикувам Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот. Го повикувам Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции. Барам од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Барам од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот“, вели Шилегов.