Бесплатен одмор за здравствените работници од Европа на Ибица

84
Ибица ги поканува здравствените работници од цела Европа на бесплатен одмор. Поддржано од туристичкиот совет на Ибица, организација во заедницата наречена Together for Healthcare Heroes, им нуди на здравствените работници од Европа бесплатен еднонеделен престој на Ибица во април, мај или октомври 2021 година.

“Заедно ја водиме промената со славење и наградување на оние што на прво место ги ставија нашите заедници, семејства и пријатели за време на ширењето на Ковид-19. Им се заблагодаруваме на оние на кои им ги доверивме нашите животи подарувајќи им ги нашите домови и хотели во Ибица и низ Европа“, соопштија од организацијата.

За да аплицираат за бесплатниот престој, здравствените работници треба да се пријават за да добиваат електронски известувања за да го следат процесот на номинирање. Оттаму, тие ќе може да пополнат документ за верификација со којшто ќе докажат дека работат во здравствениот сектор.

Над 60 хотели во Ибица се вклучиле во програмата и се подготвени да го понудат бесплатното сместување. Тука се наоѓаат и хотели со 5 ѕвезди и луксузни одморалишта. На здравствените работници ќе им биде дозволено да го донесат и семејството, чии членови треба да го покријат само хотелскиот престој.

Директорот за туризам на Ибица, Хуан Мигел Коста, изјави дека проектот е наменет за “наградување на оние што се грижеа за нас“. Организаторите, исто така, се надеваат дека програмата ќе се прошири и на другите дестинации надвор од Ибица и ќе им понуди на повеќе здравствени работници шанса за одмор во 2021 година, пишува Тravelandleisure.

Некои авиокомпании, исто така, понудија слични иницијативи. Турскиот национален авиопревозник Turkish Airlines нуди 40% попуст за здравствените работници од целиот свет.

Фото:  Pixabay