Без око да им трепне – Кинези потрошија 100 милијарди долари на шопинг

38

Кинеската електронска продавница, Alibaba “трие раце“ откако на Денот на самците, оствари приходи 74,1 милијарди долари, што е за 26% повеќе од лани. На конкурентната платформа JD.com, кинеските купувачи потрошија 40,9 милијарди долари.

Некои брендови порано почнаа да ги нудат своите производи на попуст, како што се Adidas, Nike и Apple, коишто понудата ја дадоа меѓу први и трети ноември. Ова се случува за првпат да има период на продажба пред 11-ти ноември, па и приходите на Alibaba се однесуваат за период од први до 11-ти овој месец.

Според Business Insider, САД имаат најголем удел во прометот надвор Кина со инкасирани пет милијарди долари.

На овој “гломазен“ шопинг учествуваа повеќе од 250.000 брендови и 800 милиони потрошувачи. Според Market watch, на Alibaba се регистрирани по 583.000 порачки во секунда. Податоците на Alibaba покажуваат дека Nike надминал 15 милиони долари продажба за една минута.

Но, освен оние стандардни брендови, на кинеските потрошувачи им беа понудени и луксузни производи од Prada, Balenciaga и Cartier.

Според Ројтерс, продажбата преку Alibaba е 16 пати поголема од она што беше организирана преку Prime Day на Amazon.

Сето ова се случува во период кога кинеската економија дава знаци на закрепнување по пандемијата, што започна токму во таа земја. Добрите резултати се и поради фактот што повеќе луѓе остануваат дома и полесно и попрактично е да купуваат онлајн.

Секоја година на 11-ти ноември, Кинезите навалуваат во електронска трговија, а платформите како што се Alibaba, JD.com и слично, нудат огромни попусти.

Кинезите минатата година на Денот на самците потрошија над 38 милијарди долари, а аналитичарите очекуваа дека тие оваа година ќе потрошат повеќе на увозни и странски луксузни брендови, бидејќи не можат да заминат во странство на шопинг.

Инаку, Денот на самците е неформален празник сосема спротивен на Свети Валентин во Кина, што го слават луѓе кои не се во врска. Датумот е избран 11.11, како четири единици или сингл.

На првиот Ден на самци, во 2009 година, учествуваа само 27 брендови коишто понудија попусти.

Фото: Freepik