Безбедни депозитите на граѓаните во банките и штедилниците

64

kasicka-prase-pexels

Фото: Pexels

Депозитите на граѓаните во банките и штедилниците во земјава се безбедни и сигурни, оценува директорот на Фондот за осигурување депозити на Република Македонија, Борче Хаџиев во интервју за Миа во пресрет на Светскиот ден на штедењето – 31 октомври.

“Штедните влогови на секој штедач во висина до 30.000 евра во денарска противвредност се осигурани во Фондот и се безбедни. И ако некоја банка или штедилница има некој ризичен настан тие штедачи се обесштетуваат“, појаснува Хаџиев.

Податоците на Фондот покажуваат дека во моментов македонските граѓани имаат 3,8 милијарди евра заштеда во банките и штедилниците во земјава.

Повеќе од половина или 50,5%, како што рече Хаџиев се во денари, а 49,5% во евра.

Според него, поголемиот дел заштеди во денари најверојатно се должи на повисоките каматни стапки на овие штедни влогови, но и на стабилниот курс на денарот.

Тој додава дека најголемиот број штедни влогови се до 30.000 евра.

“Тој износ е гарантиран, но има и депозити над овој износ. Поголем дел се до 30.000 евра. Граѓаните го знаат тоа и сами го дисперзираат ризикот со ставање депозити во повеќе банки или на повеќе лица од фамилијата“, рече во интервјуто директорот на Фондот за осигурување депозити.