Биоекономија – нов концепт во земјоделството

36

Економски раст, социјален напредок и одговорно, одржливо користење на природните ресурси за заштита на животната средина, се основните принципи на биоекономијата – нов стратегиски правец во современото земјоделство, пишува Миа.

Биоекономијата беше промовирана на годинашниот Глобален форум за храна и земјоделство во Берлин на кој, покрај своите колеги од 70 земји, учествуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

“На новиот стратегиски правец кој се нарекува биоекономија, во иднина ќе се посветува големо внимание. Концептот го опфаќа производството на обновливи биолошки ресурси и претворање на тие ресурси во производи со додадена вредност како храна, добиточна храна, биоенергија и биопроизводи“, вели министерот Цветков.

Поради недостигот од фосилни горива, влијанието на климатските промени, загадената животна средина и несигурноста во снабдувањето со енергија, примената на обновливите извори на енергија и подобрувањето на енергетската ефикасност се неопходни.

Централна тема на годинашниот Глобален форум беше Растечката потреба од храна, енергија и суровина: предизвици за одржливо земјоделство и обезбедување доволни количини на храна. Одлуките на министрите ќе бидат земени предвид во меѓународните политички процеси како Г – 7 и Г – 20, на конференциите и состаноците на Обединетите нации.